Министерството за надворешни работи соопшти дека како институција директно поврзана со процесот на гласање на дијаспората во македонските дипломатско-конзуларни претставништва, најостро го осудува објавувањето снимки на социјални медиуми, како и навредите кон македонски граѓани во Австралија кои решиле да гласаат на референдумот.
„Ова претставува директно прекршување на основното демократско право на гласање, но и влијание врз референдумскиот процес, како и прекршување на правото на приватност за време на гласање. Каков било обид за влијание или притисок врз гласачите на денот на гласање за референдумот е недопустливо“, пишува во реакцијата на МНР.
Министерството соопшти дека се известени локалните власти во Австралија и наведува дека овие сериозни прекршоци се недопустливи и во најскор можен рок ќе се преземат сите законски мерки за санкционирање на чинителите.
„Повторуваме, никој нема право да навредува и никој нема право да спречува и со тоа директно да влијае врз гласачкиот процес, граѓани кои одбрале да го исполнат своето демократско право и да гласаат на референдумот“, наведува МНР.