Своето гласачко право на референдумот, до 11 часот го искористиле 8,03 насто од гласачите, по обработка на 92,06 отсто од добиените податоци, соопшти Државната изборна комисија (ДИК) на втората денешна прес-конференција.
Досега се доставени седум приговори до ДИК, од кои три се одбиени, додека четири се во обработка. Во функција е телефонската линија за пријавување неправилности.
Гласањето се одвива без проблеми и според набљудувачите на МОСТ. Имало само еден помал проблем, односно, на влез во објектот каде што се гласа во Јегуновце, имало графит со навредлива содржина.
Од отворањето на гласачките места досега се регистрирани вкупно четири инциденти, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
Инаку, право на глас имаат 1.806.336 гласачи, кои се запишани во Избирачкиот список, а референдумот се спроведува на 3.480 избирачки места во 80 општини во земјата.На референдумот први гласаа членовите на избирачките одбори кои го спроведуваат гласањето во странство. На избирачкиот список се запишани 104 такви членови.
Иако на посебниот список на граѓани кои се на привремена работа или престој во странство има запишано 76.060 гласачи, за гласање на референдумот во странство пријавени беа 2.695 македонски државјани во 33 дипломатско конзуларни претставништва. Гласањето во дијаспората се одвиваше вчера, кога гласаа и болните и немоќните лица, затворениците и луѓето кои се во домашен притвор.
За гласање беа пријавени 1.859 болни и немоќни лица во 69 од вкупно 80 општини. Бројката на болни и немоќни е далеку помала од онаа на локалните избори во 2017 година, кога беа пријавени над 5.400 болни и изнемоштени лица.
Во Избирачкиот список се запишани и 1558 гласачи кои се на издржување казна затвор или притвор. Седум гласачи се водат како внатрешно раселени.
Правила за гласање
Гласачките места се отвораат во 7 часот наутро, а се затвораат во 19 часот вечерва. Доколку поради некоја причина имало прекин во гласањето, тоа се продолжува за онолку колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.
Избирачот може само еднаш да гласа. Гласањето се врши тајно, зад параван, а заокружувањето треба да биде со сино пенкало. Забрането е фотографирање и снимање на избирачкиот материјал и на избирачите додека гласаат. Гласање за друго лице е забрането, може само да му се помогне на избирач кој има физички недостаток или е неписмен.
До 19 часот трае и изборниот молк. Дотогаш може да се известува за изборите и текот на гласањето, но престануваат сите облици на изборно медиумско преставување.
Референдумот го спроведува Државната изборна комисија (ДИК), општинските изборни комисии и избирачките одбори. ДИК денеска во текот на денот на неколку прес-конференции ќе информира за текот на гласањето, а по завршувањето на гласањето во ДИК во живо ќе се следат првичните резултати добиени по електронски пат.
Овој референдум е консултативен. Кај консултативниот, дури и кога не е постигнат цензусот, конечната одлука е на Собранието, односно пратениците кои одлучуваат во име на граѓаните. Од ДИК претходно брифираа дека на 30 септември или на 1 октомври тие само ќе ги соопштат резултатите од технички аспект, но нема да даваат оценка дали референдумот ќе биде успешен или не.
Резултатот од гласањето на референдумот ДИК го објавува во „Службен весник“ во рок од 15 дена од одржувањето на референдумот.
Избирачкиот материјал е печатен во печатницата „Киро Дандаро“, од каде што велат дека ги печателе според високи стандарди и со висок квалитет, па нема можност за копирање.
Граѓанската асоцијација МОСТ, која ги следи изборните процеси, исто така во текот на денот преку прес-конференции и соопштенија ќе известува за текот на гласањето. Невладината Цивил, центар за слобода, во текот на целиот ден од својот прес и аналитички центар ќе известува за тоа како се одвива гласањето, а по затворањето на гласачките места ќе отвори дебата за референдумот.
Рекорден број набљудувачи
Референдумот ќе го набљудуваат околу 12.000 домашни и 500 странски набљудувачи. Од домашните организации најмногу набљудувачи има акредитирано „Здружението за граѓански политики и иницијативи“, здружение кое се појавува првпат, а процесот ќе го следи со вкупно 5.574 набљудувачи. Потоа следуваат Сојуз на здруженија на граѓани „Македонска платформа против сиромаштија, МОСТ, „Цивил“, односно вкупно десет невладини организации. Најмногу меѓународни набљудувачи има акредитирано Мисијата за набљудување на избори ОБСЕ/ОДИХР, потоа американската амбасада во Македонија, Амбасадата на Франција, Косово, Турција, Унгарија, Велика Британија и Северна Ирска, Украина и Германија. Партиски набљудувачи на гласачките места ќе нема. Референдум ќе го следат и 83 странски новинари.
МВР викендов издава лични карти
Викендов се издаваат и лични карти по итна постапка. Граѓаните кои немаат ниту важечки пасош, ниту лична карта, ќе можат да извадат лична карта во сите регионални одделенија за управни работи при МВР. МВР на терен има распоредено шест илјади полицајци кои треба да се грижат за мирно референдумско изјаснување.
Граѓаните може да пријават повреда на избирачкото право
Ако на гласачот му е нарушено избирачкото право, тоа може да го пријави до Државната изборна комисија, до набљудувачите на изборите и до институции и организации кои го надгледуваат спроведувањето на референдумот.
Државното јавно обвинителство, Народниот правобранител, Хелсиншкиот комитет ќе бидат отворени за граѓаните, доколку некој сака да пријави повреда на гласачкото право.
Комисијата на Основното јавно обвинителсто следи дали некој ќе направи кривично дело против изборите и гласањето. На електронската адреса на комисијата (referendum@jorm.gov.mk) граѓаните, партиите, невладините организации, домашните и меѓународните институции, како и сите што ценат дека има неправилности со организирањето и спроведувањето на гласањето, може да ги пријават за да може обвинителството да реагира.
Во канцеларијата на Народниот правобранител денеска во периодот од 7 до 19 часот ќе функционира бесплатната телефонска линија 0800-54321 на којашто граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на гласачкото право. Отворени за граѓаните ќе бидат сите седум канцеларии на Народниот правобранител во: Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните права.
Од Хелсиншкиот комитет за човекови права соопштуваат дека нивната канцеларија во Скопје, во близина на градскиот парк, ќе биде отворена во текот на целиот ден, за да им се овозможи на граѓаните да пријават повреда на избирачкото право за време на референдумското изјаснување. Евентуалните случаи на повреда ќе можат да се пријават и на телефонските линии +389 (0)2 3119 073 и +389 (0)72 278 436 и на електронската пошта helkom@mhc.org.mk.