Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет со помош за повреда на гласачкото право

Народниот правобранител Иџет Мемети

Во канцеларијата на Народниот правобранител утре, на денот на одржување на референдумот, во периодот од 7 до 19 часот ќе функционира бесплатната телефонска линија 0800-54321, на која граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на гласачкото право на слободно изразување на нивното мислење и став по однос на референдумското прашање. Отворени за граѓаните ќе бидат сите седум канцеларии на Народниот правобранител во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип, со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните права. Народниот правобранител истовремено ги потсетува и апелира до сите чинители во општеството да не ги попречуваат граѓаните во остварувањето на нивното загарантирано право на излегување и лично изјаснување, а ги охрабрува граѓаните да го пријават секое евентуално влијание.

Цел ден ќе биде отворена и Канцеларијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права, со цел да им овозможи на граѓаните да пријават повреда на избирачкото право за време на референдумското изјаснување. Комитетот, како што се наведува во нивното соопштение, ги охрабрува сите граѓани кои сметаат дека нивното избирачко право е повредено да го пријават случајот во канцеларијата на Комитетот, на телефон или по е-маил. Сите пријави до Комитетот ќе бидат дополнително истражени со цел да се верификува нивната веродостојност.