Владата ќе ги следи лажните вести за време на молкот

Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Владата за време на молкот пред референдумското изјаснување на 30 септември ќе ги следи информациите што се пласираат на социјалните мрежи и доколку утврди дека тие претставуваат лажни информации и пропаганда, на своите официјалните комуникациски канали на социланите мрежи ќе соопшти дека се неточни со цел да спречи да влијаат манипулативно врз граѓаните, соопшти портпаролот на Владата Миле Бошњаковски.

Бошњаковски вели дека за време на јавната кампања имало нагласено присуство на ширење на лажни вести, дезинформации и говор на омраза, како и креирање на вести врз основа на полуинформации, со што според владиниот портпарол претставува поткошување на демократските процеси во државата.

Тој посочи дека согласно принципот за добро владеење Владата ќе го почитува предреферендумскиот молк и ќе се воздржи од активности кои имаат поврзаност со референдумот во наредните 48 часа почнувајќи од полноќ.

„Согласно препораките на Советот на Европа, ОБСЕ и други меѓународни организации со цел обезбедување заштита на слободата на изразувањето и за сузбивање на лажните вести и пропаганда сакаме да укажеме дека Владата е целосно свесна дека просторот на социјалните медиуми е изложен на креирање на лажни вести и дезинформации со цел обид за манипулација на граѓаните на Република Македонија“, рече Бошњаковски.