Ниту еден политичар нема мандат да преговара за идентитетот на еден народ, мнозинството Македонци не гласале за програма во која е предвидена промена на Уставот на Република Македонија заради промена на уставното име на државата, изјави претседателот Ѓорге Иванов при посета на Македонската Православна Црква „Рожденство на Пресвета Богородица“ во Детроит, информираат од неговиот кабинет.
„Па така ниту актуелната Влада не добила мандат од народот, ниту од гласачите за промена на идентитетот, за откажување од дијаспората и губење на историјата и паметењето“, рече Иванов.
Иванов истакнува дека Република Македонија е трајна придобивка, додавајќи дека со спогодбата со Грција и претстојниот референдум таа придобивка се релативизира.
„Како да не се сфаќа дека со релативизирање на трајното, ние се релативизираме и како народ. Со оваа спогодба се обидуваат да не понижат, како што ниту еден народ не бил понижен. Сакаат да не направат недоветни сметајќи дека не знаеме како се викаме“, рече Иванв.
Тој го повтори својот став дека нема да гласа на референдумот на 30 септември.