Договорот за менување на името е штетен и треба да се отфрли. Тој е против македонските национални интереси, против македонската држава. Тој е „диво месо“ вметнато во здрав организам што нè гуши и допрва ќе нè влече надолу ако не се спротивставиме, истакна лидерот на ВМРО-ДМПНЕ Христијан Мицкоски во обраќањето пред учесниците на протестниот марш што опозициската партија го организираше денеска во Охрид.
Партискиот лидер пред симпатизерите и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ потсети на некои историски моменти, во кои меѓународната заедница ветувала подобра иднина за земјата преку прифаќање отстапки како привремената референца, менувањето на знамето, Уставот, Рамковниот договор, територијалната реорганизација.
„Прифативме се што бараа од нас, и во 90-те, и во 2001 и во 2004. Сега да се одважиме, да го промениме пристапот и ова што денеска ни се нуди да не го прифаќаме, затоа што е против нашите интереси, против она што ни го оставија нашите предци. Затоа што тоа е договор за промена на нас самите“, рече Мицкоски.
Тој уште испрати предупредување до граѓаните на земјата дека доколку помине ова што сега се нуди, како што рече, „со прифатениот договор се губи националниот идентитет и воедно се дава сопирачка во рацете на Грција да го блокира европскиот пат на Македонија кога сака и како сака“.