Македонската информативна агенција (МИА) реагираше на пишувањата на дел медиуми според кои Агенцијата го коригирала интервјуто на премиерoт Зоран Заев, дадено во Вашингтон.
Од МИА велат дека немало никаква интервенција од Алексис Ципрас и од Атина, ниту од кого било. Од МИА соопштуваат дека по увидените реакции во печатот за пренесеното интервју, е направена проверка на истото и е утврдено дека се направени погрешни интерпретации за што веднаш е направена корекција и истата коригирана изјава е дистрибуирана до јавноста.
Претходно грчкиот весник „Екатимерини" објави дека по интервенција од Атина, МИА ја сменила изјавата на премиерот Заев, дадена за МИА во Вашингон.
По средбата со потпретседателот на САД Мајк Пенс во Вашингтон, Заев рекол :
„Додавката „северна“ нѐ боли сите исто, но нема друга Македонија освен нашата, со тоа ќе биде призната од цел свет и ќе заврши понижувањето со ФИРОМ. Северниот дел од Грција е Грција, западниот дел од Бугарија е Бугарија. Ова е наша Македонија и нема да има ниедна друга во светот“, рекол Заев.
Според „Екатимерини“ во првата верзија на текстот објавена на МИА, изјавата на Заев била коректно пренесена. Но, по интервенција на Атина, како што пишува весникот, МИА го коригирала текстот и сега Заев вели:
„Сите знаеме денес дека дел од геополитичкиот регион од Македонија е во Грција, дел во Бугарија и северниот е во нашиот дел. Придавката „северна” прави разлика и ние потврдуваме дека постојат региони во Бугарија и во Грција кои се нарекуваат Македонија“, пишува во текстот на „Екатимерини”
Инаку во Вашингтон, Заев дал интервју и за Гласот на Америка на македонски јазик. Во видео интервјути Заев вели дека „нема друга Македонија, северниот дел од Грција е Грција, западниот дел од Бугарија е Бугарија, ние сме Македонија и нема друга Македонија“. Истото Заев го вели и во интервју за МТВ.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на прес - конференција рекоа дека МИА го цензурира Зоран Заев по налог на Атина
„Спогодбата со Грција уште не стапила на сила, а веќе ги гледаме ефектите. Првиот скандал е пред нас. Зоран Заев кој е премиер на Република Македонија по забелешки од нашиот јужен сосед мора да ги цензурира сопствените изјави“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.