Почнува „Браќа Манаки“

Плакатот за 39-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“

Во Битола вечер свечено ќе биде отворен 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, на кој до затворањето идната сабота под фестивалскиот слоган „Симнуваме капа“ ќе бидат прикажани 95 филма во 14 програми.

Ѕвезди на годинашниот фестивал се британскиот кинематогафер и оскаровец Роџер Дикинс, познат по соработката со браќата Коен, кому ќе му биде врачена „Златна камера 300“ за животно дело, и италијанската филмска дива со светска кариера Клаудија Кардинале, која во Битола ќе ја прими специјалната награда „Златна камера 300“. Актерката Милица Стојанова, пак, е лауреат на „Големата ѕвезда“ - награда што ја доделува Друштвото на филмските професионалци на Македонија.

Фестивалот ќе почне со сценско-музичко-поетски перформанс во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, а по свеченото отворање ќе бидат прикажани новиот краток игран филм „Љубовникот“ на Игор Иванов-Изи и „Истребувач 2049“ во чест на кинематограферот-лауреат Дикинс, кој токму за овој филм го доби „Оскарот“ по 13 номинации. Во чест на Клаудија Кардинале, на втората фестивалска вечер ќе биде прикажан филмот „Благородни лаги“.