Денеска во Кривичниот суд во тек е продолжение на судското рочиште за случувањата во Собранието на 27 април минатата година. Тоа продолжи со сведочење на градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш, новинарката Душица Мрѓа, заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и вработени во МВР.
Нухиу во своето сведочење тврдеше дека тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков на агресивен начин одговорал на неговите прашања вечерта кога се случуваше инцидентот, одговарајќи му “што мислиш што се случува, народ се случува”.
Еден од обвинетите Игор Југ, како што се јавува, попладнево за време на сведочењето на Нухиу извикувал “ судите 33 Македонци, а каде е српскиот шпион Живаљевиќ? На судијката Добрила Кацарска, пак, Југ и порачал ако сака да го осуди на сто години затвор.
Инаку за случувањата во собранието обвинети се 33 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок, а две лица за помагање на делото.