Јавното обвинителство ќе следи евентуални противправности при организирањето и спроведувањето на референдумот. За таа цел е формирана Комисија, а за претседател е назначен обвинителот Џељаљ Бајрами, информираат од Обвинителството.
Оттаму наведуваат дека Комисијата ќе следи евентуални противправности со извршување кривични дела од Глава шеснаесет: Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на референдумот на 30 септември.
Според Обвинителството превентивното делување и формирањето на Комисијата е одговор на ставот дека настаните поврзани со претстојниот референдум се од поширок интерес во јавноста, каде има потреба од поголема организираност во насока на заштита на криминални или други противзаконски дејствија.
Во привремената Комисија членуваат по еден јавен обвинител од четирите Виши јавни обвинителства. Комисијата има задача на дневна основа да ги следи сите настани поврзани со процесот и за оние настани кои ќе се оцени дека даваат индиции за извршени нерегуларности, известувањата веднаш да се проследат до соодветното јавно обвинителство.