Руското Министерство за одбрана соопшти дека сириската воздушна одбрана, по грешка, соборила руски авион за надзор над источното Средоземно Море, убивајќи 15 воени лица.
Портпаролот на Министерството Игор Конашенков денеска изјави дека сириските сили го урнале рускиот воен авион претходната вечер, осудувајќи ги, како што ги нарече“, „неодговорните дејствија на израелската армија“, објави руската државна новинска агенција ТАСС.
„Ова е апсолутно спротивно на духот на руско-израелското партнерство“, цитиран е Конашенков.
Неговите коментари доаѓаат откако руското Министерство за одбрана соопшти дека авион од типот „Ил-20“ исчезнал од радарот на 35 километри од сирискиот брег, претходниот ден во околу 23 часот по локално време.
Авионот исчезнал од радарот во приближно исто време кога израелски воени авиони „Ф-16“ нападнале сириски објекти во провинцијата Латакија, наведоа од Министерството.
Беше наведено дека авионот се враќал од воената база Хмеимим во Латакија, каде се стационирани најголемиот дел од вооружените сили на Русија во земјата.