Членството во НАТО значи Македонија да остане во овие граници, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешната дебата на тема „Дебатираме за НАТО“, наведувајќи дека тоа ќе ја зацврсти стабилноста, безбедноста и предвидливоста.
На контратезата за дебатата, од кого се плаши Македонија, опкружена од земји членки на НАТО, Димитров посочи дека членството има важна психолошка порака во однос на сите граѓани и во однос на сите соседи на земјата:
„Ја преминуваме линијата од која нема враќање назад“, рече Димитров потсетувајќи дека Македонија е ветеран во патот кон НАТО со 18 акциски планови за членство и дека од 2002 година учествува во мисии во Авганистан.
Во однос на Договорот за името, Димитров рече дека во еден тежок процес, го заштитиле она што е најважно за Македонија, правејќи компромис за тоа што беше најважно за Атина.
„Акцентот беше на две различни точки и тоа е основата на овој договор. Нас ни беше најважно идентитетот и затоа во договорот има јасна формулација за македонски јазик и јасна формулација за македонски народ со своите атрибути. Нив им беше важно дистинкцијата да биде појасна од што е да биде географска и таа да биде за севкупна употреба. Тоа е суштината на овој договор“, рече Димитров.
Според него, членството на Македонија може да се случи кон крајот на идната година, а може да биде и на почетокот на 2020 година.