Пристапувањето во НАТО и ЕУ остануваат стратешки цели и највисоки приоритети на Република Македонија, што ќе придонесе за напредок и просперитет на целиот регион, истакнал претседателот Ѓорге Иванов на денешната средба со американскиот министер за одбрана, Џејмс Матис, соопшти кабинетот на Претседателот.
Во соопштението се наведува дека Иванов потенцирал дека Република Македонија останува стабилен стратешки партнер на САД и дека и натаму ќе се залага за безбедноста, слободата и демократскиот напредок на регионот и активно ќе придонесува во заедничките активности во борбата против тероризмот и останатите закани на глобално ниво.
„Иако не сме во НАТО, нашата армија е НАТО компатибилна и за тоа сме благодарни на САД. Тоа е влог во иднината. Мораме да бидеме подготвени за новите закани и новите предизвици“ порача претседателот Иванов.
Тој нагласи дека АРМ со својата професионалност и високо рангирана борбена подготвеност е докажан партнер на НАТО и континуирано придонесува во меѓународните мировни мисии на Алијансата.
Секретарот за одбрана на САД Џејмс Матис за време на денешната официјална посета на Република Македонија се сретна и со премиерот Зоран Заев и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.