Немам докази за руско влијание, Руската Федерација е пријател на Македонија и таа нема ништо против интеграцијата на Македонија во ЕУ, но е против нашата интеграција во НАТО, изјави премиерот Зоран Заев на денешната конференција за слободата на медиумите во регионот: „Денови на медиуми - ЕУ Западен Балкан.“
„И тоа го кажуваат многу јасно. Ние се обидуваме да објасниме дека за нас не постои алтернатива, освен целосната интеграција во ЕУ и НАТО. Сакаме да градиме пријателство со сите земји и со Руската Федерација така што верувам дека сето она што претставува експликација на пријателство во Македонија, ќе го разберат и пријателите од Русија затоа што нашите граѓани ќе останат на таа определба“, рече Заев.
Заев истакна дека е запознаен со информациите за мрежи на профили кои шират лажни вести на социјалните мрежи и традиционалните медиуми и порача дека се надева дека ќе „можеме да ги дознаеме деталите“, но дека тој нема идентификувано земји кои шират лажни вести.