Премиерот Зоран Заев на денешниот граѓански собир „ Излези ЗА европска Македонија“ пред делегацијата на ЕУ во Скопје порача дека не смее да се пропушти историската шанса која ја нуди претстојниот референдум.
„Толку малку фали да ја постигнеме историската шанса за нас и за нашите деца и за Македонија. Ве повикувам сите на 30 септември да ја зграпчиме шансата и да бидеме горди граѓани на европска Македонија. Што и да правите на тој ден на 30 септември тоа сериозно ќе влијае на иднината на вашите деца, на иднината на вашата Македонија. Дилеми не смеете да имате. Излезете да ја завериме нашата независност. Излезете бидејќи зависи само од вас, од никој друг. 30 септември е ден за избор, за акција, не е ден за седење дома. 30 септември е ден за гордост, за среќа, за испишување на историја. 30 септември е за европска Македонија. Излези за европска Македонија“, рече Заев пред насобраната толпа.
Патриотизам, порача тој, е да ја зачуваме иднината на нашата татковина, а НАТО и ЕУ се единствениот пат и нема алтернатива.
„Грција го призна и прифати нашиот македонски идентитет и јазик. Најдовме формула како да се признаеме на темелите на минатото да градиме иднина. Испишавме европска историја. Да бидете горди, оти имаме најдобар договор, што ги исполни вековните аспирации на нашите дедовци и прадедовци“, порача Заев.
Според Заев, влезот на Македонија во ЕУ и НАТО ќе донесе инвестиции, ќе го подобри животниот стандард, а младите нема да ја напуштаат земјата.
Собирот започна пред седиштето на Црвениот крст во Скопје, а обраќање освен Заев, имаа и претседателот на Парламентот, Талат Џафери, новинарот Томислав Кежаровски и актерката Сања Арсовска. Учесниците носеа знамиња на Македонија и на ЕУ и транспаренти и беа предводени од функционери во власта.