Од ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека премиерот Зоран Заев и приредува национална катастрофа на Македонија. Од партијата наведуваат дека Заев прифатил со капитулантскиот договор промена на Преамбулата на Уставот на Република Македонија, чл.3 и чл.49 од истиот. Заев, според ВМРО-ДПМНЕ, бега од одговори и не кажува што ќе менува во Преамбулата.
„Територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива. Постојната граница на Република Македонија е неповредлива. Границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципот на доброволност и во согласност со општо прифатените меѓународни норми. Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата прашуваат што според договорот кој го потпиша владата на СДСМ треба да се смени во чл.3 кој ја гарантира неотуѓивоста и неделивоста на територијата на Република Македонија? Заев треба, според ВМРО-ДПМНЕ, да одговори и што ќе менува во чл. 49, кој ја обврзува државата да се грижи за малцинството во странство и дали тоа не е откажување од Македонците надвор од Македонија.