Заев: Уставните измени ќе бидат познати по референдумот

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека уставните измени кои треба да се случат се многу логични и ќе бидат објавени од страна на собраниските комисии што ќе работат на нив по завршување на референдумот и објавување на резултатите.

Промените ќе се направат во преамбулата, членовите 3 и 49. Во преамбулата ќе има само зајакнување на одлуките на АСНОМ за слобода, демократија, еднаквост помеѓу граѓаните, бидејќи од АСНОМ е борбата за ослободување на сите граѓани од тогашниот фашистички окупатор. Во делот на член 49 каде што се однесува за дијаспората, ќе го примениме она што е европско. Знаете дека Македонија има дијаспора на Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и кај нас е подлабински навлезено и може да предизивика во иднина иредентизам, односно одредени провокации, но секако ќе го преадаптираме како што стои во земјите членки на ЕУ и како тоа државата ќе води грижа за својата дијаспора“, изјави Заев одговорајќи на новинарски прашања при денешната посета на Липково.

Промената, додаде, ќе биде и таму каде што е Република Македонија, ќe стои Република Северна Македонија, а секаде каде што е македонско останува македонско и каде што стојат Македонци, Албанци, Турци, Роми останува.

Штом ќе биде завршен референдумот, по објавувањето на резултатите, појасни Заев, самите собраниски комисии што ќе работат на уставните измени ќе ги објават уставните амандмани. Тој додаде дека првин ќе се гласа со двотретинско мнозинство, по што ќе има дебата 30 дена, потоа гласање со просто мнозинство, па следува уште една дебата и завршува со двотретинско гласање.