Хан: Без решение за името, вратата за ЕУ ќе се затвори со децении

еврокомесарот за проширување Јоханес Хан

Непосредно пред неговата посета на Македонија в понеделник, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во интервју за МИА вели дека доколку се пропушти можноста за прифаќање на Договорот со Грција на референдумот на 30 септември, вратата за ЕУ ќе се затвори „со децении“.„Ако сега не се искористи оваа прилика, прилично сум сигурен дека вратата ќе биде затворена со децении, ако не засекогаш. Во политика треба да се биде внимателен, но во догледна иднина, ќе биде затворена и тоа ќе биде штетно за граѓаните во земјата“. Хан кој доаѓа за „Деновите на медиумите“, ќе ја искористи својата посета да се сретне и со граѓани во Штип, каде што ќе ја пренесе оваа порака. Неговата цел, вели тој, е да им ги предочи на граѓаните импликациите од Договорот со Грција и од прогресот на патот кон ЕУ.