Хаос во однос на начинот на пресметка на платите и нивната висина. Нивно пресметување со бодови, а не според коефициенти на сложеност на работното место. Наспроти колективниот договор од 2005 година, кој патем е последниот важечки правен акт за регулирање на работните односи во културата, вработените од една дејност со помали плати во однос на вработените со аналоген статус во друга. Платите и правата на вработените во библиотечната, музејската и конзерваторската дејност екстремно понижувачки - нето платата околу 18 илјади денари. Згора на тоа, платите во одредени локални установи - поголеми од оние на вработените во матичните национални установи?! За неправдата да биде уште поголема, во една институција, вработени на исто работно место, со исти работни задачи и образование со различни плати?! Неисплаќање на стручните звања и уметничките категории – од некого ветено, но сѐ уште не е реализирано право.
Ова се само дел од проблемите на кои по којзнае кој пат укажува Синдикатот на културата на Република Македонија. Од оваа наша асоцијација и со податок дека за нив сѐ уште функционираат т.н. „анти-кризни мерки“ со кои се врши забрана за унапредувања, како и забрана за добивање теренски надомест што, всушност, претставува 90 отсто од работата на музеите и конзерваторските центри, а важи и забраната за службени дневници при работата на уметничките ансамбли и стручните лица надвор од седиштето на установата. Тие и со став дека „забраната за унапредување е дискриминирачка затоа што ги става во нееднаква положба вработените во културата, наспроти вработените во државната администрација за кои истата одредба не важи, со што се крши Уставот на Република Македонија“.
И, во името на гласност и засилена видливост на нивните проблеми од Синдикатот со констатација дека „крајно време е да се извлече културата од востановената маргинална положба, да се слушнат и да се испочитуваат културните работници и да и им се додели соодветно валоризирање на трудот“. Со укажување дека е „крајно потценувачки и поразително, културните работници во Република Македонија, во 21 век, да земаат пониска плата од просечната во државата“.
Сања Арсовска, претседателка на Синдикатот за култура на Република Македонија, ќе рече дека пред нив е Колективниот договор. Затоа и бараат во новиот Закон за култура да стои рок за колку време тој ќе биде потпишан. Според неа Законот за култура треба да има уште една јавна расправа и после да биде пуштен во собраниска процедура. Очекуваат тоа да се случи некаде до ноември, а веќе во декември – јануари да биде потпишан и Колективниот договор.
„Постои волја во Министерството за култура за потпишување на Колективниот договор, но се е заглавено во некакви лавиринти. Секогаш има некакви други приоритети а верувајте кај нас проблемите во културата си опстојуваат. Ние имаме 700 членови и вие не знаете со што сè се справуваме секојдневно и какви се проблеми тие луѓе имаат на работа – од мобинг, преку неплатени средства кои законски им следуваат. За тие работи го информираме Министерството. Тие работи сакаме да ги знае јавноста. Културата којашто е темелна вредност на општеството моментално се наоѓа на дното во Република Македонија“, вели Арсовска.
Таа со дополна доколку продолжи ваквиот третман и се развлекува потпишувањето на колективен договор дека тие како Синдикат сериозно ќе размислат за посериозни чекори на отпор. За излегување и на улица.
„Ние се занимаваме со јавна професија и многу лесно може да ги блокираме нашите институции и тоа да биде видливо“, истакнува претседателката на СКРМ.
Видете и ова: Културните работници – заложници на постојните системски решенијаАдије Дестановиќ, вработена во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ - Скопје, пак забележува дека всушност основниот проблем е „црвениот телефон“. Дека сè уште постојат партиските вработувања и дека кај нас воопшто не се цени трудот.
„Работниците не можат да дојдат на ред од неработниците кои имаат партиски книшки. Со години во некои институции поради тоа што некој партиски телефон не се свртил не може да има унапредувања, не може да има развивање на институцијата и тоа е катастрофално за една држава. Да се гледаат само личните, а да не се застапуваат заедничките интереси. Заедничките интереси на сите нас ни се исти. Сите ние сакаме да работиме,сите сакаме да заработиме за нашиот личен интегритет и напредок, но сите тие интереси треба да ги бараме во заедничките интереси во ова општество каде секој треба по сила на закон да го добие она што го заслужува, а не некој да го стопира“, смета Дестановиќ.
Библиотекарката појаснува и дека е разочарана од најавените промени во системот што ги ветуваше сегашната власт, а кои како што вели таа сеуште не ги гледа.
„Гарнитурите не се сменети. Има опструкции. Треба да се види од каде тие доаѓаат, а власта да си превземе одредени мерки и сево ова да мрдне од мртва точка“, ќе рече Адије.
Таа се пожали и дека институциите од културата под надлежност на Град Скопје платите со години ги добиваат многу по законскиот рок, на 15-ти во месецот и дека тоа ним како на културни работници им е дополнителен проблем.
Конечно, Александар Стојчевски, потпретседателот на СКРМ, со појаснување дека тие како Асоцијација се омасовуваат, дека по прв пат се станати партнер во преговорите со Министерството за култура и де директно се вклучени во процесите. Во промените на Законот за култура и Националната стратегија за култура. Но, доколку, според него, „приметат дека нема помрднување од мртва точка, тие се спремни и за излегување на улица“.
„Додека има движење ние ќе бидеме присутни на прес конференции и се разбира во јавноста. Доколку видиме дека работите се стопирани во првиот момент ќе бидеме на улица. Во тоа не треба да се сомневате“, ќе рече Стојчевски.