Црвенковски: На референдумот ќе гласам „За“

Архива: поранешниот претседател на Република Македонија Бранко Црвенковски.

На 30-ти септември ќе излезам на референдумското изјаснување и ќе гласам „За“, вели во пишана изјава поранешниот претседател на Македонија Бранко Црвенковски. Тој наведува дека ќе гласа „За“,не затоа што смета дека Преспанскиот договор е голема победа и успех, туку затоа што смета дека е нужност од која „во даденава ситуација нема бегање“, пренесува МИА.

„Ќе гласам „За“, не затоа што мислам дека неговото спроведување нема да предизвика негативни последици, туку затоа што негативните последици од неговото пропаѓање ќе бидат несразмерно поголеми“, вели Црвенковски.

Тој објаснува дека деновиве многумина го прашуваеле дали тој би потпишал таков договор, а неговиот одговор е дека “во овој момент тоа е апсолутно небитно.“

„Потписот е ставен и после тој чин враќање назад нема. Ниту во иднина оваа или некоја друга грчка влада ќе се откаже од стекнатите позиции со овој договор, ниту меѓународната заедница, барем оној дел кон чие друштво се стремиме, ќе има разбирање за таквата наша несериозност и неспроведување на превземените обврски“, вели Црвенковски.

Тој истакнува дека постојат многу причини зошто е длабоко убеден дека евро-атлантските интеграции се единствената добра опција за иднината на земјата.

„За жал, во овие 27 години ние покажавме дека немаме сопствен капацитет да спроведеме квалитетни реформи во општеството без сериозен притисок и мониторинг од надвор. И за тоа чувствувам и голема лична одговорност.“

„Добрите меѓуетнички односи се клуч за стабилноста и предуслов за се друго во Република Македонија. Евентуалната подолготрајна наша бесперспективност на планот на Евро-атлантските интеграции, наспроти успесите на овој план кои ги прават и ќе ги прават нашите соседи, порано или подоцна ќе претставува потенцијален ризик за нашата внатрешна стабилност. Тој ризик мора благовремено да го елиминираме.“

„Знам дека имате многу причини за незадоволство од функционирањето на актуелната власт. Знам дека имате уште повеќе причини за незадоволство од функционирањето на сите досегашни власти. Но односот кон политичарите и политичките партии се искажува на избори. На 30-ти септември е нешто сосема друго. На овој референдум ќе се одлучува, не кој ќе владее, туку кој пат кон иднината како држава ќе го избереме“, вели Црвенковски.