На претстојниот референдум секој граѓанин да постапи онака како што му налага сопствената свест, разум и срце, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, по состаноцитена Извршниот и на Централниот комитет на партијата по прашањето за партискиот став за претстојниот референдум за името.
На партискиот став на најголемата опозициска партија јавноста чекаше речеси еден месец. Пред вечерва да го соопшти ставот на партијата Мицкоски имаше долг говор со критики кон власта и нејзиното работење, со посебен акцент на Договорот од Преспа и референдумското прашање.
„Јас и мојата партија не го прифаќаме договорот за промена на името, зошто со него се менува идентитетот, уставот, патните исправи, историјата и културата... Ние сме за НАТО, ние како партија сме формирани како одговор на СДСМ кој самиот се нарекува наследник на партија од еден минат режим“, рече Мицкоски и додаде дека „народот знае што му зборувам“.
На крајот од прес-конференцијата Мицкоски го повика премиерот Зоран Заев на ТВ дуел, зошто, како што рече, имало многу за што да зборуваат.