Неколку граѓански здруженија најавуваат дека утре во 10 часот пред МАНУ ќе се одржи протестен собир против и за поништување на спогодбата од Преспа, а по повод Научната расправа во организација на МАНУ: „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евро-атлантските интеграции на Република Македонија“.
Организатори се Здружението на граѓани Граѓанска иницијатива за здраво, достоинствено и возвишено живеење ,,Преродба”, Движење Македонска преродба , Движењето за цивилизациски вредности, заедно со македонскиот народ и граѓаните
Во најавата на протестот организаторите наведуваат дека бараат "мораториум на едностраното политикантско решавање на македонските прашања".
"Наместо да ја бранат Спогодбата, МАНУ и академиците да ја заштитуваат и да ја афирмираат автентичната македонска наука, уметност, творештво, вредности и придобивки, кои се поништуваат со срамната спогодба од Преспа и да ги заштитат името на Република Македонија, македонскиот идентитет, јазик, историја и култура. Затоа, на МАНУ и на другите институции ќе им биде доставена декларацијата на македонскиот народ за неговите црвени линии и стратегија за зачувување на името на Република Македонија и на македонскиот идентитет, јазик, историја и култура”, се вели во најавата на протестот.
Организаторите наведуваат дека се работи за мирољубив собир, и упатуваат апел до граѓаните своето право да го изразат достоинствено.