Камбовски: Договорот за името не задира во националниот идентитет

Архива: Академик Владо Камбовски.

Договорот од Преспа е оптимално решение што Македонија можеше да го постигне за решение на спорот за името, изјави денеска академик Владо Камбовски на средба со новинарите заедно со академик Владо Поповски и професор Нано Ружин.

Камбовски наведе дека од научна гледна точка Договорот е сосема прифатлив и дека не можат да му се најдат некои пречки. „Ова е оптимално решение. Нека никој не се надева или да мисли поинаку“, рече Камбовски.

Тој посочи дека постигнатиот консензус околу името Северна Македонија е компромис меѓу стравувањата и надежите на двете страни. Тој рече дека задржано е името „Македонија“ на државата, со што не се загрозува идентитетот на македонскиот народ кој живее на нејзината територија, но дека е додадена географска одредница со која таа се разликува од северниот регион на Грција. Според Камбовски, Договорот не задира во прашањата на националниот идентитет, а одредувањето на државјанството на „граѓаните на Република Северна Македонија“ кое ќе биде заведено во сите патни документи како „македонско“ е исправна формулација.

Камбовски исто така додаде дека огромен придонес на Договорот во процесот на евроатлантските интеграции на земјата под новото уставно име е што го антиципира регистрирањето на македонскиот јазик како еден од службените јазици на ЕУ.

Академикот Поповски рече дека „не можеше да има подобар договор“ и оти е илузија доколку некој каже дека би склучил подобар договор.