Во Русија протести и локални избори одбележани со апсења

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Во Русија продолжуваат протестите против пензиската реформа

Активистите велат дека руската полиција притворила скоро илјада демонстранти кои излегоа на улиците во Москва, Санкт Петербург и на други места во знак на протест поради плановите за зголемување на старосната возраст за заминување во пензија. Протестите ги нарушија очекувањата на властите за висок одѕив на гласачите на регионалните избори, што исто така се одржаа вчера.

Во Русија се шири гневот поради пензиските реформи, односно поради планираното зголемување на возраста за заминување во пензија.

Вчера во неколку градови на повик на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални кој се наоѓа во затвор се одржаа протести.

Притоа, според групата за човекови права ОВД која ги следи протестите биле уапсени околу илјада луѓе.

Најмногу упасени имало во Санкт Петербург и во Екатеринбург, а меѓу уапсените демонстранти имало блиски соработници на Навални.

Тој беше затворен во минатиот месец, откако најави дека на 9 септември ќе организира протести.

Еден од демонстрантите Фјодор Крашеников вели:

„Денес, за жал, за прв пат во историјата на протестите во Екатеринбург, можеме да видиме дека полицијата дејствува на непристоен и циничен начин, тие ги грабнуваат луѓето од толпата, а тоа се случува затоа што има нова власт во градот“.

Вјачислав Башков, активист за човекови права пак, додава:

„Овие акции од страна на полицијата се многу чудни и претерани. Луѓето дојдоа мирно, без оружје, не го нарушија јавниот поредок. Да се дејствува против нив со помош на палки и апсења е срамота. Ова не одговара духот на уставот“.

Демонстрантите велат дека планираната реформа им оневозможува на руските семејствата да планираат сигурна иднина.

Според предложеното, мажите наместо како досега со 60 години, во пензија мора да заминуваат со 65 години додека жените наместо на 55 на 63 години.

Во Русија старосната граница за заминување во пензија не е променета од 1932 година.

Предложените промени, кои се веќе во парламентарна процедура го намалија рејтингот на рускиот претседател Владимир Путин.

Промените, според оценките, се најнепопуларната владина мерка од 2005 година, кога отстранувањето на придобивките од советската ера, доведе до слична реакција.

Истовремено со протестите во некои делови на Русија вчера се одржаа и локални избори, а во Москва и избори за градоначалник на кои се очекува сигурна победа на Сергеј Собјанин кој е на таа функција од 2010 година и ја има поддршката од Кремљ.