Во вториот квартал од 2018 година растот на бруто домашниот производ (БДП) достигна 3,1 процент. Во првото полугодие од годинава остварени се 327 милиони евра странските директни инвестициии, што е за 218 отсто повеќе од просекот од последните три години, а растот на индустриското производство за истиот период од лани е поголем за 8,4 проценти како и зголемувањето на работници во индустријата за 7,2 отсто во истиот период. Намалена е стапката на невработеност на 21,1 процент, што е историско најниско досега. Во првите шест месеци на 2018 година реализирани се 10.000 нови вработувања.
Ова денеска на прес-конференцијата заедно со економскиот тим на Владата на РМ го истакна премиерот Зоран Заев уверувајќи дека македонската економија расте и се стабилизира на долг рок.
“Нашите очекувања се дека до крајот на годината ќе успееме да ја постигнеме проектираната годишна стапка на раст од 3,2 проценти. Во вториот квартал од 2018 година најголем пораст е забележан во секторите уметност, забава, рекреација, други услужни дејности, дејности на домаќинствата како работодавачи и оние кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби од 13,9 отсто, следниот сектор е трговија на големо и на мало, транспорт и складирање... од 12,7 проценти и третиот се стручните и научно-техничките дејности, административни и услужни дејности од 4,5 проценти”, истакна Заев.
Според него ваквиот тренд на пораст на БДП се должи на политичката стабилизација која ја постигна Владата, заедно со поканата за членство во НАТО, започнатиот процес за преговори со ЕУ и спроведување на квалитетни економски политики.
Македонската економија е пред колапс, а граѓаните се се посиромашни, реагираше преку соопштение ВМРО-ДПМНЕ.
“Дури и шминканите резултати за овој квартал говорат за погубните економски политики на оваа власт. Економските факти се следни. Овој резултат за кој власта денес на фанфари се фалеше е трет најмал раст на БДП за вториот квартал во Европа. Дури и овие резултати да не се наместени, тогаш се резултат по инерција од другите економии, а не се резултат на економските политики на оваа власт” тврдат од опозициската партија.