Американскиот Сенатор Рон Џонсон денеска на средбата со претседателот на Собранието Талат Џафери истакна дека во земјава дошол за да ја пренесе и потврди поддршката на САД за надминување на последната пречка кон полноправното членство во НАТО.
Тој истакна дека членството во НАТО ја гарантира безбедноста на Република Македонија, а со тоа се поттикнува растот на економијата, што всушност е и примарната цел. Се заблагодари за досегашниот придонес на Македонија во НАТО мисиите и за определбата за трошење на 2 отсто од БДП за одбраната.
Џафери, како што соопшти прес-службата на Собранието, рече дека посетата на Џонсон е континуитет на поддршката од САД и ја искористи пригодата да му се заблагодари за триесетгодишната помош и поддршка што Вашингтон и ја дава на Република Македонија.
Изрази благодарност и за позитивниот ангажман на Амбасадата на САД во Република Македонија и на нивниот персонал, предводени од Џес Бејли, во минатото и сега. Претседателот Џафери зборуваше за активностите што Собранието ги има во врска со кампањата за референдумот и за начинот на нејзината реализација.
Тој го информира гостинот дека Собранието има потполн легитимитет, како претставничко тело на граѓаните, имајќи ги предвид интересите на државата, да го води и заокружи процесот по референдумот се до зачленување во НАТО.