За ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлив договорот со Грција и со него дополнително државата се става во незавидна ситуација, а референдумското прашање се користи од власта за создавање на свесна забуна кај граѓаните, истакнал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денесшната средба со австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој е во посета на Македонија.
Мицкоски на средбата рекол дека целокупниот процес на преговарање се одвивал нетранспарентно и опозицијата не била консултирана, а договорот не ги одразува државните и национални интереси на Република Македонија, соопшти прес-центарот на ВМРО-ДПМНЕ.
„За ВМРО-ДПМНЕ повеќезначното референдумско прашање се користи од власта за создавање на свесна забуна кај граѓаните со цел да се прикрие вистинската содржина за што реално треба да се одлучи, а тоа е договорот со Грција, се наведува во соопштението.
Мицковски посочил дека за нив членството во ЕУ и НАТО претставува стратешки државен интерес и оти се отворени за понатамошна соработка со Австриската народна партија, како сестринска партија во рамки на Европската народна партија.