Стравот од мигрантите ја турка Шведска на десно

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Шведска, од земја на иселеници до мигрантски рај

Пред повеќе од еден век беше сиромашна земја на иселеници. Сега е дом на стотици илјади економски мигранти, политички дисиденти и прогонувани. В недела во Шведска се одржуваат парламентарни избори на кои се очекува голем пробив да направат екстремно десничарски кандидати.

Околу милион ипол Швеѓани меѓу 1850 и 1920 година избегаа од глад и беда населувајќи се главно во Северна Америка.

Шведската неутралност за време на Втората светска војна и овозможи на нејзината индустрија да процвета.

Од 50-те до 80-те години на минатиот век многу Финци, Италијанци, Грци, Шпанци и Југословени дојдоа во Шведска за да работат во рудниците, железарниците и текстилна индустрија.

Во истовреме, Шведска се стремеше да стане актер на меѓународната сцена посредувајќи во конфликти и хуманитарни кризи.

Стокхолм се гордееше со своите мировници и одбраната на човековите права во светот.

Во седумдесетите години Шведска стана безбеден рај за бегалците од Виетнам и јужноамериканските диктатури, како и за христијанските малцинства од Блискиот Исток.

Но, Шведска и натаму во голема мера беше хомогена земја, а приливот странци не предизвикуваше многу дебата.

Тоа се промени по доаѓањето на 125.000 бегалци од поранешна Југославија меѓу 1991 и 1995 година.

Пред четири години пак, тогашниот централно-десничарски премиер Фредрик Рајнфелд ги повика Швеѓаните „да ги отворат своите срца“ за барателите на азил од Сирија, Авганистан и Ирак.

Неговиот наследник, Стефан Лофвен од социјалдемократите, ја повтори идејата порачувајќи:

„Мојата Европа не гради ѕидови, мојата Европа прифаќа бегалци“.

Шведска во 2015 година прими над 160.000 баратели на азил, што е најголем број по глава на жител меѓу европските земји.

Но, сега стравувањата од влијанието на глобализацијата врз работните места, стареењето на населението и неуспехот да се интегрираат малцинските групи во земјата само го поттикна растежот на десничарските партии.

Јенс Ридгрен, професор по социологија на Универзитетот во Стокхолм вели:

„Тие навистина сакаат да ја намалат имиграцијата во Шведска, но исто така гледаат на миграцијата како на економска и културна закана за Шведска“.

Анкетите пред неделните избори укажуваат дека еден од пет гласачи во Шведска најверојатно ќе поддржи партија со екстремно десничарски корени.

Тоа, според експертите, укажува дека и навидум успешните политички системи се ранливи.

Професор Јенс Ридгрен додава:

„Она што овие партии имаат заедничко е дека тие се етнички националисти и нивната главна цел е да ја зголемат етничката хомогеност во земја“.

Во минатата година, во Шведска, земја од 10 милиони луѓе, имаше скоро 2 милиона жители родени во странство или околу 19 проценти од населението.