„Идентитетот како претстава“ тема на книжевниот фестивал Друга приказна

Постерот за книжевниот фестивал Друга приказна 2018.

Со учество на четириесеттина реномирани писатели и теоретичари од регионот и од нашата земја кои ќе разговараат на тема „Идентитетот како претстава“, од 6 до 9 септември, во Музеј на современа уметност, ќе се одржи третото издание на книжевниот фестивал Друга приказна.

Оља Савичевиќ Иванчевиќ, Сибила Петлевски, Радмила Лазиќ, Марко Погачар, Јелена Анѓеловска, Биљана Космогина, Енес Халиловиќ, Драган Протиќ, Стефан Бошковиќ, Дејан Илиќ, Владислав Христов, Иван Димитров, Стефан Митиќ, Даница Вукичевиќ, Петра Митиќ...се само некои од писателите и теоретичарите од регионот и од нашата земја кои ќе учествуваат на третото издание на книжевниот фестивал Друга приказна, што од 6 до 9 септември, се одржува во Музеј на современа уметност во Скопје.

А, по првичната „Книжевноста и активизмот“ и минатогодишната „Слобода, сон, љубов“, тие овојпат ќе дебатираат на тема „Идентитетот како претстава“.

Ја одбравме темата да биде поврзана со идентитетот, меѓу другото, и поради нашиот референдум. Тоа е клучното прашање во Македонија не само во месец септември и не само годинава 2018, туку е важно прашање кое ја одредува нашата иднина. Но, се разбира ние сме книжевен фестивал и немаме намера да влегуваме на некој премногу експлицитен начин навивајќи за оваа или онаа опција, туку баш она книжевно, теориски и историски разговарајќи, пак ќе повторам пред сè од аголот на книжевноста, за прашањето на идентитетот“, вели Никола Гелевски, еден од творците и потписниците на оваа манифестација.

Во својата експликација за изборот на темата тој и со појаснување дека тоа прашање на Запад нагло доби забрзување, позначајна видливост, во 1960-те години. Дека историски се познати оние движења против расна сегрегација, за права на жените, права на хендикепирани...и дека сето тоа доведе до појавата на 1968 како година на бунтот...и се прошири во 1970 на целиот свет. Тој смета дека има голема, обемна историска литература, особено од последниве 50-на години за прашањето на идентитетот и од таму, според него, со дел од тие прашања како родовите прашања, распадот на Југославија, нацизмот на малите разлики, психоаналитичарските аспекти на прашањето на идентитетот ќе се бават во предвидените четири дена бидејќи дел од поканетите писатели и теоретичари на ова трето издание на Друга приказна веќе се бавеле со нив во своите текстови.

Од таму очекувањата на организаторите се дека ќе биде возбудливо на разни рамништа на Фестивалот.

Очекувам добри вибрации. Добра енергија, паметни муабети и претстави, бидејќи некако иронично и самиот фестивал е претстава. Делумно и сами за себе збориме. Книжевноста е главно затворена во книги, а ние ја изнесуваме на сцена така што самите фестивали на некој начин се некаква травестија на книжевноста т.е популаризација, можеби тривилизација...Има сериозни писатели кои го критикуваат фестивалското прикажување на книжевноста, а од друга страна освен што самиот фестивал е на сцена и самите писатели се на истата таа сцена. И секој се соочува лично со тоа прашање: Дали треба јас како писател да станувам перформер или да останам да пишувам книги? Тоа прашање не тангира сите нас и тоа е дел од главното прашање на целиот фестивал – идентитетот како претстава“, истакнува Гелевски.

А, по Давид Албахари во 2016, нашиот Влада Урошевиќ минатата година, овојпат лауреат и добитничка на главната награда на Друга приказна е хрватската писателка Оља Савичевиќ - Иванчевиќ.

Родена на 16 септември 1974 година во Сплит, Савичевиќ - Иванчевиќ пишува поезија, проза, колумни. Авторка е на шест поетски збирки, на книгата раскази „Да се насмее пес“ и на два романа, „Адио Каубоју“ (2010) и „Пејач во ноќта“ (2016). За ракописот „Да се насмее пес“ наградена е со наградата „Прозак“ како најдобра авторка на проза до 35 години.

Добитничка е и на наградата „Ранко Маринковиќ“ на загребски Вечерњи лист за кус расказ, како и на наградата „Киклоп“ за поетската збирка „Домашни правила“ (Алгоритам, 2007).

Одделни книги, раскази, песни и поетски циклуси и се преведени на десетина јазици, а учествувала на бројни меѓународни книжевни фестивали и работилници. Таа живее и твори како слободна писателка во родниот град.

И, колку за потсетување, Друга приказна е скопски книжевен фестивал за мали фикции. Фестивалот е плод на неколкумина македонски писатели и интелектуалци меѓу кои Оливера Ќорвезироска, Ивана Галапчева, Искра Гешоска, Иван Шопов... а произлезе од потребата за друга приказна насекаде: во книжевноста, културата, политиката - во целото општество.
Меѓу поважните негови цели се популаризација на книжевноста, преиспитување на улогата на книжевноста во општеството, преиспитување на жанровските граници, на релациите меѓу „популарното“ и „елитното“, „високото“ и „ниското“, ангажираното и ескапистичкото, преиспитување на улогата на писателот во новите локални и глобални контексти, осмислување и практикување на нови стратегии за културни поврзувања и локално и регионално и глобално, вмрежување на македонските автори и искуства во регионален контекст, збогатување на скопската културна понуда...
Поднасловот на Друга приказна, „Мали фикции“, пак, значи дека примарен интерес се малите книжевни форми, згодни за јавно и сценско споделување. Но, тука се и хибридните книжевни форми, местата каде што книжевноста се среќава со музиката, графиката, медиумите, естрадата, теоријата...

Од таму не смее да се заборави и тоа дека овојпат специјален гостин на фестивалот ќе биде белградскиот електро-поп бенд ЕПП.
Инаку, фотографијата за плакатот за Друга приказна 2018 е преземена од филмот „Балавица“ на режисерот Игор Мирковиќ, снимен во 2013 година направен според расказ на Оља Савичевиќ -Иванчевиќ. Ова дело ќе биде прикажано во Музеј на современа уметност во рамките на актуелното издание на фестивалот.