За неколку седмици имате референдум за договорот за името, ги охрабрувам гласачите да се појават во голем број, ова е прилика која се јавува еднаш во животот - да станете членка на меѓународната заедница со сите придобовки кои тоа ги носи со себе, истакна генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.
„На Самитот на НАТО во јули Алијансата ве покани да започнете разговори за пристапување по решавањето на прашањето за името со Грција. Компромисот не е лесен никогаш, но двете страни направија компромис за една посветла иднина“, изјави Столтенберг.
Премиерот Заев изјави дека поканата влијае за внатрешната кохезија и Македонија ја промовира како пример на Западен Балкан за силно лидерство. Заев посочи дека Владата подготвува план за имплементација на реформите во согласност со програмата на НАТО со посебен акцент на владеење на правото. НАТО и ЕУ се стратешка определба на Македонија од тоа нема отстапување, рече Заев.
„Референдумот на 30 септември ќе биде уште еден важен предизвик. Сега сме на историски крстопат за нашата иднина и убеден сум дека граѓаните ќе ги препознаат перспективите за нашата земја“, изјави Заев.