Специјалистите ќе добиваат од 52.000-53.000 илјади денари плата со зголемувањето на основицата за пресметување на плата од пет проценти, заедно со дежурствата, изјави денеска премиерот Зоран Заев на потпишувањето на спогодбата за утврдување на најниска плата за најнизок степен на сложеност и за начинот на пресметување и исплата на платите во здравствената дејност од страна на министерот за здравство Венко Филипче.
Заев кој истакна дека од следниот месец средномедицинскиот кадар ќе добива дополнително по 1.500 денари, докторите специјалисти на универзитетските интерни клиники ќе добиваат плус 3.756 денари, лекарите специјалисти во општите болници по 4.060 денари, а на докторите специјалисти на универзитетските клиники за хируршки болести платата ќе им биде повисока за 4.548 денари. Заев рече дека нивниот таргет е платите да достигнат до 100 илјади денари и дека станува збор за голема средства од 22-23 милиони денари.
„Верувам дека тој таргет ќе го постигнеме. Впрочем убеден сум дека ќе го постигнеме. Моја желба е од 1 јануари да биде постигнат. Ако успееме тоа да го направиме би бил многу среќен, ако не согласно перформансите и парите кои ги имаме на располагање во буџетот, го правиме првиот чекор веројатно до 80.000 денари и веднаш на второ полугодие да стигнеме до 100.000 денари“, посочи Заев. Според него, тоа значи повеќе специјалисти да останат во државата, да не заминуваат.