Руски „Комерсант“ - Резултатите на референдумот во Македонија ќе ја определат новата геополитика во регионот

Рускиот дневен весник Комерсант пишува дека резултатите од референдумот во Македонија за името нема да ја одредат само судбината на македонско-грчкиот договор, туку и нејзиното членство во НАТО и во ЕУ. Московски весник во денешниот текст заклучува дека резултатите од референдумот ќе ја определат и новата геополитичка распределба во регионот.

Наведувајќи дека прашањето за референдумот ќе гласи „Дали го поддржувате членството во ЕУ и НАТО, прифаќајќи го договорот меѓу Македонија и Грција", Комерсант проценува дека властите всушност им предложија на граѓаните да ја потврдат приврзаноста кон ЕУ и НАТО, со согласност за промена на името на земјата.

Комерсант пишува дека за рускиот фактор почнало сериозно да се размислува, откако властите во Скопје ги обвинија бизнисмените од Русија за финансирање на антивладините протести против договорот со Грција.

„Москва не го крие негативниот став кон договорот Атина-Скопје за новото име на Македонија. Според портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захара, договорот е далеку од интересите на зајакнување на мирот и безбедноста на Балканот и служи исклучиво како инструмент за забрзување на пристапот на Македонија во НАТО“, пишува Комерсант.

Комерсант додава дека многу македонски политичари и балкански експерти сметаат дека евентуалниот неуспех на референдумот во Македонија и пропаѓање на договорот со Грција, може да доведе до дестабилизацијата на Балканот.