Груевски ја обвини власта за притисок врз судството

Архива: поранешниот премиер Никола Груевски.

Поранешниот премиер Никола Груевски на денешна прес-конференција во Собранието изјави дека има сигурни сознанија околу случувања во Апелациониот суд во врска со предметот на СЈО „Тенк“, кој одлучува за неговата жалба по првостепената пресуда на Кривичниот суд во која беше осуден на две години затвор како поттикнувач на делото за набавка на мерцедесот од 600 илјади евра.

Груевски рече дека откако на 30 август била одложена јаванта седница во Апелациониот суд, поради негово присуство на друго судење заедно со неговите адвокати, в.д. претседателката на Апелациониот суд, откако, како што рече, претходно врз неа било направено политичко влијание, ги повикала сите судии од Судскиот совет кои требало да одлучуваат по предметот „Тенк“ и до нив упатила директно барање следниот ден седницата да биде одржана по секоја цена, да донесат осудителна одлука протв него и да го прогласат за виновен и што поскоро да биде затворен.

„Дури се одело до такви размислувања казната да се намали под една година со цел да немам право на жалба пред Врховниот суд на Република Македонија“, рече Груевски.

Тој ја обвини власта дека води политичка хајка против него, а дека судството го товари бидејќи бил лидер на ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи дека судиите се професионални, но работат под притисок, а некои се блиски со Зоран Заев. Тој најави дека утре нема да се појави во Апелациониот суд на седницата за „Тенк“ и дека нема да присуствуваат ниту неговите адвокати, бидејќи, како што рече, „и онака одлуката е политички веќе донесена.“

„Ниту јас, ниту моите адвокти нема да се појавиме утре на седница. И нивното присуството во Апелација не може ништо да промени. Никакви правни аргументи не се доволни на однапред политички договорена пресуда и однапред донесена политичка одлука“, рече Груевски.

На ваквите коментари премиерот Заев одгоовори дека тој знаел дека сите процеси се водат транспарентно без разлика за кого станува збор.

„Уште еднаш ја потврдувам независноста на судството, никој нема право да прејудицира одлуки, да прави притисок врз судиите и слично. Јас само посочувам нека кажат кој е тој. Ако постои веднаш ќе преземам мерки за санкации или слично. Знам дека не постои таква работа и уште еднаш апелиртам до сите професионално однесување, согласно закон, согласно устав, без било какови протекции“, рече Заев.