Премиерот Зоран Заев коментирајќи ги документите објавени од „Викиликс“ дека во 2008 година било прифатено името „Република Северна Македонија“, изјави дека тоа е уште една причина повеќе „да застанеме сите заедно и да обезбедиме сигурна иднина на референдумот.“
Заев коментарите ги даде на новинарско прашање по денешното потпишување на договори за финансиска поддршка за отворање бизнис акцелератори за млади, додавајќи дека многу влади се труделе да најдат решение, оти и претходната влада се обидувала да најде решение и дека е добро што сега е потврден македонскиот идентитет.
„Знаете дека ги поседував разговорите кои сега се кај СЈО. Многу влади се труделе да изнајдат решение и претходната влада се трудела. Дел од решението во делот на името и неговата севкупна употреба или како што се нарекува „ерга омнес“ било прифатено и во делот на Северна и во делот на Горна Македонија и драго ми е што ние добивме потврда на целокупниот наш идентитет - македонскиот јазик, која што беше важна цел поставена на преговарачкиот тим“, рече Заев.
Инаку, документот на Викиликс од американската амбасада во Скопје со датум од 29 јули 2008 година објавен од грчкиот весник „Порто тема“, во кој тогашната амбасадорка на САД во Македонија Џилијан Миловановиќ објаснува дека Република Северна Македонија за името, македонскиот јазик и идентитетот биле позициите на македонската страна во јули 2008 година, беа причина за препукување меѓу лидерот на Нова демократија Киријакос Мицотакис и грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, јавува МИА.
Мицотакис ја обвини актуелната грчка влада дека ги „задоволила долгогодишните барања на Скопје“, а Коѕијас коментира дека Груевски се преправал дека сака решение.