Во Кривичниот суд во Скопје денеска е закажано продолжение на судењето за предметот на СЈО „Тортура“, во кое обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот командант на единицата „Алфи“ Ивица Антевски и петмина припадници на единицата, за апсењето на лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски. Денешното рочиште ќе продолжи со сведочење на Бошкоски.
Според обвинението, прво обвинетиот Сашо Мијалков ги навел останатите обвинети при апсењето на Бошкоски во 2011 година душевно да страда поради политичка одмазда за упатени пораки на изборна кампања.
Во воведните зборови на претходните рочишта, обвинителот Љубимир Лапе рече дека полицајците спротивно на уредбите за средства за присилба, употребиле прекумерна сила, ја послушале наредбата и ги пренеле заканите од Мијалков, а еден од обвинетите му ставил пиштол на глава и му рекол – бел ден нема да видиш, рече Лапе.
Како докази, обвинителот Лапе рече дека ќе бидат приложени снимки од неколку телевизии и видео снимки од МВР од денот на апсењето, како и писмените докази поткрепени од т.н. „бомби“, а оти душевното страдање ќе се докаже со медицинска документација.