Кузмановски: Ништо не е вулгарно, туку храбро и асоцијативно!

„Мејкинг Оф“ е насловен првиот македонски филм во жанрот еротска комедија чија премиера е предвидено да се случи на 6 септември во скопски Синеплекс. Станува збор за проект работен според сценарио и режија на Кузман Кузмановски во кој настапуваат Александар Микиќ, Александра Павлова, Владо Дојчиновски, Ванчо Петрушевски, Хана Менсон и други.

„Мејкинг Оф“ е вистинска приказна за урбаното живеење во метропола каква што е Скопје. Главни ликови се Соња, Продуцентот, Гратисот и Режисерот. Сите имаат различна мотивација - зошто сакаат да го снимат филмот. Испреплетени се во страсни врски и сета младешка енергија подгреана од асфалтот ја насочуваат во сексот. Но, дали е тоа доволно? Од филмот ќе откриете дали во тој општ галиматијас има место за љубов?“.

Ова ќе го запишат режисерот и сценарист Кузман Кузмановски и „Аурипигмен продукција“ во првичната информација за премиерата на „Мејкинг Оф“, „првиот македонски филм во жанрот еротска комедија“, што треба да се одржи в четврток, на 6 септември, во една од салите на скопски Синеплекс.

Во неа ќе биде забележано и тоа дека кинематографер на филмот е Марко Петрушевски, а актерската екипа ја сочинуваат Александар Микиќ, Александра Павлова, Владо Дојчиновски, Ванчо Петрушевски, Хана Менсон, Дубравка Киселички , Катина Иванова, Љупчо Бојковски, Лазе Манасков ,Пирунка Киселички и Мартин Минговски.

А, прашан, пак, за тоа од каде потребата да се сними едно вакво дело, Кузмановски, кому по краткиот „Исклучиво жолти лалиња“ од 2016 година „Мејкинг Оф“ му е прво долгометражно филмско остварување, знае да каже дека „тоа се наметнало само по себе“. Вели дека тоа е всушност исповед на еден филмаџија низ се* што треба да помине за да сними филм ако не е поддржан од институциите на државата“.

Тој дополнува дека, кога како екипа размислувале што да биде филмот, бидејќи е независна продукција се решиле тоа да биде „нешто похрабро од проста причина што знаеле оти тој жанр кај нас и не е толку експлоатиран, а е доста популарен и проаѓа кај публиката, особено ако сето тоа е подзасилено со комедија. Дека тоа е она што и фали на публиката во денешно време особено овде во Македонија и дека токму сега е вистинскиот момент“.

„Секогаш сме се труделе да следиме некои трендови што се промовираат на Запад, меѓутоа не знам од која причина до сега немало ваков филм и тука го најдовме просторот. Си рековме дека треба да го исполниме и се надеваме дека ќе наидеме на позитивен одзив кај публиката. Едноставно гледачите ќе имаат можност да видат храбри и убави млади наши луѓе на филмското платно во секојдневни ситуации“, вели Кузмановски.

​Сценаристот и режисер со дополна дека „Мејкинг Оф“ како наслов може да се протолкува на неколку начини. Дека преводот во целост се однесува на луѓе кои не плаќаат сметки, а кога би сакале да го прилагодат би бил „Сними и бегај!“. Сепак се одлучиле да не го прават тоа. Во својата експликација тој појаснува дека нивната приказна е со трагикомичен крај и оти таа всушност се бави со неколкумина млади луѓе кои решиле да направат филм за една провокативна историска личност каков што е Александар Македонски. За таа потреба тие си најмиле снимател за да го документира најнапред процесот на неговото создавање.

„Четирите ликови потекнуваат од исто толку различни слоеви од општеството и сите имаат своја мотивација за тоа зошто сакаат да го снимат тој филм за Александар Македонски. Тука ги гледаме и разликите помеѓу нив меѓутоа и обединувачкиот момент всушност желбата да се направи нешто што ќе се запамети, желбата да се дружат, да се вљубат едни во други и неможноста да го реализираат тоа. Дали од оправдани или од неоправдани причини ќе видат гледачите“, вели Кузмановски.

Тој со појаснување дека тие како автори на филмот внимавале во „Мејкинг оф“ да има растеж на тензијата во однос на еротските моменти. Дури во некоја рака и да пратат порака до што доведува преголемата доза на страст. Дали тоа ја довикува апатијата, односно бесчувствителноста, или е тоа одговорот на желбите на ликовите.

„Ништо не е вулгарно. Сè е по вкус направено, меѓутоа е доста асоцијативно и доста храбро. Овде морам да се повикам на покојниот Ванчо Петрушевски, кој кога му го понудивме сценариото да го прочита и кога треперевме дали ќе ја прифати улогата, само ни рече: Деца вие правите револуција и мене ми е чест што ќе учествувам во неа! Тоа и не охрабри и да влеземе в целата таа работа. Да ја почнеме таа авантура“, вели тој.

На прашањето дали имало недоразбирања, смешни ситуации или проблеми при снимањето на „голите“ сцени во филмот, режисерот со одговор дека тие си ги следеле правилата во занаетот и дека направиле топла атмосфера во која актерите најнормално си ги одработиле своите професионални задачи. Тој дури и со една „пикантерија“ од снимањето на „Мејкинг оф“.

„Имавме една прекрасна девојка којашто беше „натуршчик“. Мислевме дека со неа ќе има проблем, меѓутоа испивме по еден пијалок и таа ме праша: За оваа садо-мазо сцена ти имаш план или јас да си терам по свое? Ја оставивме да ја изигра како што мисли и излезе прекрасн“, вели тој.

Во однос на очекувањата, Кузмановски со информација дека филмот е поодамна завршен, но дека чекале да им помине еуфоријата за да повторно му се навратат. Во меѓувреме го дале на мнозина филмаџии и свои пријатели да го видат и да го кажат своето мислење и кога ги чуле нивните мислења се решиле да ја закажат премиерата.

„Искрено се надеваме дека луѓето ќе дојдат во кино-салите, дека ќе се насмеат затоа што смеењето секогаш, па и денес, практично е еден вид слобода. Филмот може да се чита на повеќе рамништа и секој може да го гледа и да си најде своја приказна“, смета авторот.