Во Кривичниот суд денеска продолжи рочиштето за предметот на СЈО „Таргет-Тврдина“, во кој обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и неговиот шеф на кабинет Тони Јакимовски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски.
Одбраната на Мијалков се повика на амнестијата на претседателот Ѓорге Иванов, но судијката Џенета Бектовиќ го одби барањето на адвокатот Љупчо Шврговски, наведувајќи дека судот го ценел обвинението и ги одбил приговорите за прифаќање на помилувањето.
Обвинетите во случајот „Таргет-Тврдина“ се товарат дека незаконски прислушувале и уништиле опрема на УБК за да не може да се утврди дека на тие машини се прислушувало.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.