Измени на Законот за спречување на корупцијата од денеска се ставени на јавна дебата, а следната недела ќе биде организирана тркалезна маса по што законот ќе биде пратен во Собранието, истакна министерката за правда Рената Дескоска на денешна прес-конференција.
Според измените, предвиден е нов состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која ќе биде составена од претседател и четири члена кои ќе ги именува Собранието со мандат од пет години, без право на избор во наредните пет години, рече Дескоска.
Исто така според новите измени предвидено е и проширување на надлежностите на ДКСК за да ја следи и утврдува законитоста на финансирањето на политичките партии, односно во случај на сомневање за незаконско финансирање на политичка партија, ДКСК по сопствена иницијатива да презема мерки за утврдување на фактичката состојба.
„Законските измени предвидуваат годишна контрола на имотната состојба на претседателот и членовите на ДКСК, а се проширува и кругот на лица чија имотна состојба ќе поднесуваат анкетен лист до оваа Комисија“, појасни Дескоска.
Дескоска додаде дека покрај сите избрани и именувани, одговорни лица во јавни претпријатија, со озмените се предвидува и нотарите и извршителите да поднесуваат анкетен лист до ДКСК и УЈП и изјава за откажување од банкарска тајна, а дека членовите на ДКСК во однос на финансиското работење подлежат на контрола од Државниот завод за ревизија, како и сите други институции.