Околу 30 политички партии вечерва се обединија во повикот до граѓаните за позитивен исход на референдумот и за евроатлантска иднина на Македонија, преку прифаќање на неколку заеднички принципи. Политичките партии се согласија да ги повикаат граѓаните да излезат и да гласаат „за“ на престојниот референдум, што ќе се одржи на 30 септември, соопштија од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Од СДСМ посочуваат дека партиите се едногласни дека Македонија своите стратешки цели може да ги оствари единствено преку членство во НАТО и во Европската унија.
На средбата било договорено партиите да си го задржуваат правото да водат сопствени јавни комуникации поврзани со референдумот кои може да се индивидуални и независни или во рамки на други коалиции и кампањи, стои во соопштението.
Средбата на партиите поддржувачи на референдумот беше на иницијатива на премиерот Зоран Заев. Тој во обраќањето до присутните рекол дека успехот на референдумот значи изградба на европска Македонија.
„Јас сум убеден дека мнозинството граѓани што ги претставуваме и кои ни ја доверија одговорноста да ја водиме државата, ќе ја исполнат својата граѓанска должност, ќе излезат на референдумот и ќе гласаат за европска Македонија“, рекол претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, стои во соопштението.
Крилото на БЕСА на Билал Касами нема да се приклучи кон заедничката кампања со парламентарните групи кои го поддржуваат референдумот. Тој по завршувањето на средбата рече дека ќе водат посебна кампања со која ќе ги мотивираат гласачите за поддршка на референдумот.