ВМРО-ДПМНЕ се уште не се изјасниле за кампањата за референдумот

Собрание на Република Македонија

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се уште не се изјасниле за учеството во кампањата за референдумот. Од партијата во понеделникот најавија дека денеска треба да достават известување до претседателот на македонското Собрание Талат Џафери за евентуално учество во јавната кампања за референдумот на државно ниво, што ќе се одржи на 30-ти септември 2018-та година.

Од собраниските служби информираа дека такво известување партијата нема доставено, а од пратеничката група, пак, дека се координираат и оти потоа ќе го изнесат својот став околу ова прашање.

Претседателот на партијата Кристијан Мицкоски, неодамна најави дека партијата нема да користи државни средства за кампања и оти тоа ќе го право со партиски средства.

Во понеделникот од кабинетот на Џафери информираа дека пратеничките групи на СДСМ, ДУИ, ДПА, Алијансата на Албанците, Беса, како и двајца независни пратеници или 71 пратеник, до него испратиле допис со кој го информираат дека нивните пратеници активно ќе учествуваат во јавната кампања за референдумот и дека се изјаснуваат „ЗА“ референдумското прашање.

Пратеникот Антонијо Милошоски, како поединец пратеник испрати допис дека ќе учествува во кампањата со бојкотирачки став, бидејќи е против референдумското прашање.

Собранието формираше Координативно тело за подготовка и спроведување на јавната кампања кое ќе го раководи претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери.