Поголемиот дел од македонските граѓани се за решавање на спорот за името со Грција, покажува новата национална анкета во Македонија спроведена од центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) која открива високи нивоа на оптимизам и поддршка за членство во ЕУ и НАТО пред референдумот на 30 септември.
Анкетата укажува дека вкупно 57 проценти „целосно го поддржуваат“ (37 проценти) или „донекаде го поддржуваат“ (20 проценти) предлогот Македонија да се зачлени во ЕУ и НАТО под новото име „Република Северна Македонија.“
Истиот број од 57 проценти веруваат дека придобивките од членството го оправдуваат прифаќањето на новото име. Половина од анкетираните, 49 проценти, имаат намера да гласаат за решавање на спорот за името, споредено со 22 проценти, кои ќе гласаат против предложената промена.
„Како што Македонија се приближува кон овој важен референдум, поддршката за компромисно решение на спорот за името кое би ги отворило вратите кон членство во ЕУ и НАТО укажува на силна наклонетост кон трансатлантските институции“, вели Пол Мекарти, в.д. регионален директор на ИРИ за Европа.
Поддршката за членство во ЕУ и НАТО продолжува да расте. Бројот на анкетираните кои го поддржуваат зачленувањето на Македонија во ЕУ порасна на 83 проценти – зголемување од шест проценти од август 2017 и зголемување од 11 проценти од март 2017. Поддршката за НАТО исто така останува силна со 77 проценти.