Германската канцеларија Ангела Меркел денеска изјави дека ги поддржува сите разговори кои водат кон решение во односите меѓу Србија и Косово, но дека треба да се биде внимателен тоа решение да не предизвика нестабилност на други места во регионот. На заедничката прес-конференција со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Берлин, Меркел потврди дека со американскиот претседател Доналд Трамп разговарале за ситуацијата меѓу Србија и Косово.
„Се разбира дека ги поддржуваме сите разговори кои водат кон целта, кон решение на тоа прашање, но територијалната целовитост, каква што е создадена сега, е една вредност и големина и истото тоа го реков кога овде беше претседателот на владата на БиХ и претседателот на владата на Црна Гора. Мораме да бидеме внимателни одредени мерки на една територија да не доведат до други чекори на други територии“, рече Меркел.
Таа претходно овој месец рече дека нема да има промени на границите на Балканот. Во меѓувреме, советникот за национална безбедност во Белата куќа, Џон Болтон, изјави дека САД не исклучуваат територијална корекција меѓу Србија и Косово, додека Европската комисија соопшти дека на Белград и Приштина треба да им се даде простор да се договорат за содржината на спогодбата за нормализација на односите.
Пленковиќ рече дека Хрватска е внимателна кога станува збор за промена на границите на Балканот, зашто тоа може да влијае и на други земји во регионот.