Жителите на грчките острови страхуваат од бегалците

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Грчките острови бараат од Атина да ги пресели бегалците

Локалните власти на грчките острови Лезбос, Хиос и Самос уште еднаш ја повикаа централната влада да ги пресели бегалците од нивните острови. Тие велат дека состојбата со бегалците станува се потешка.

Централната влада во Атина вети дека до септември годинава ќе го намали бројот на бегалците на тие острови на 10.000.

Но, во моментов, над 16.000 бегалци сé уште остануваат на островите.

Најсериозна е ситуацијата на островот Лезбос.

Таму бројот на бегалците го надминуваат капацитетот за сместување за речиси 200 проценти.

Во меѓувреме, стигнуваат нови бегалци кои мора да се сместуваат во импровизирани шатори во шумата каде што нема скоро никави резерви на вода и енергија.

Мариос Андриотис, портпарол на локалните власти на Лезбос вели дека просто било невозможно да се сместат сите бегалци во кампот Морија.

„Можете да замислите дека Морија има вкупен капацитет од околу 2.000 луѓе, а со тоа што има скоро пет и пол илјади, невозможно е да се сместат сите, така што тие треба да користат и шатори“.

Недостатокот на простор и ресурси не само што ги интензивираше тензиите меѓу различните етнички групи во кампот за бегалци, туку исто така ги наруши мирот и редот на околните области.

Тоа, како што се жалат жителите на островите, му нанесува голем удар на локалниот бизнис.

Истовремено го продлабочува и страхувањето меѓу локалното население.

Тоа го вели и Кристина, студентка која работи во еден локален ресторан.

„Има бегалци кои се тепаат на улиците, локалните жители едвај излегуваат, родителите се плашат да ги однесат своите деца да играат на море. Работите стануваат ужасни“.

Во Грција расте незадоволството од порастот на бројот грабежи и на инциденти во кои се вклучени мигранти или бегалци.

Деновиве грчката полиција на граничниот премин Идомени уапсила двајца пакистанци за кои постои сомневање дека биле виновни за убиството на еден Грк кој сакале да го ограбат.

Инцидентот се случил пред десетина дена во Атина.