Лидерите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, стигнаа на Европскиот форум во Алпбах, Австрија.
Вучиќ, пред отворањето на "Политичките дискусии" на Европскиот форум, каде што заедно со Тачи ќе учествуваат во дискусијата "Нови перспективи за проширување на Европската унија", рече дека ќе разговара со претседателот на Косово и со многу меѓународни партнери, на тема која го вклучува и решавањето на проблемот со Косово.
"Ова е тешка точка и сигурно е дека ова ќе биде една од клучните теми за дискусија со Себастијан Курц, Јоханес Хан, австрискиот претседател Ван дер Болен и Тачи, заедно со претставници на ЕУ. Не очекувам ништо лесно, ништо едноставно. Но, ајде да видиме дали можеме да се приближиме кон нешто или сеуште сме толку далеку колку што сме биле досега ", рече Вучиќ.
На Европскиот форум, во австрискиот Алпбах, денес се собираат илјадници учесници и претставници, како и шефови на држави.
Вучиќ и Тачи заедно учествуваат на Форумот во Алпбах само две недели пред следниот круг на дијалог во Брисел, закажан за 7-ми септември, кој влегува во интензивна фаза која треба да заврши со постигнување на договор за сеопфатна нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.