Министерката за одбрана на Холандија, Анк Бајлевелд Схаутен, во писмо до министерката за одбрана Радмила Шекеринска вели дека Холандија ја поддржа одлуката за Република Македонија на Самитот на НАТО, и дека сега е на граѓаните да одлучат на референдум, дали го поддржуваат Договорот со Грција и членството во НАТО.
Во писмото со кое холандската министерка ѝ одговори на Шекеринска, која од своите колеги од земјите членки на НАТО пред Самитот во Брисел побара поддршка за НАТО поканата за Македонија, Бајлевелд-Схаутен го поздрави прогресот што Македонија го постигна изминатата година.
"Холандија ја поддржува политиката на НАТО на отворени врати, која се покажа како важен инструмент во промоцијата на демократските вредности и стабилноста во регионот. Владата на Република Македонија вложи огромни напори во иницирањето на неопходните реформи. Ви честитаме на прогресот постигнат изминатата година", пишува Бајлевелд Схаутен, објави Министерството за одбрана.
Во писмото, холандската министерка упати честитки за постигнатиот договор меѓу Македонија и Грција, со што е отстранета последната формална пречка за почеток на пристапните разговори за членство на Македонија во НАТО.