Собранието нема поединечно да дели средства за референдумската кампања

Архива: пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.

Водењето јавна кампања не подразбира дека Собранието, како овластен предлагач, ќе дели средства поединечно на секој од 120-те пратеници за нивно водење кампања за референдумот на државно ниво, соопшти службата за информирање на Собранието.

Службата наведува дека ова е појаснувањето по допис што денеска испратил пратеник до претседателот на законодавниот дом Талат Џафери, во кој го известува дека ќе учествува во јавната кампања за претстојниот референдум и оти бара да му се обезбедат средства за таа намена.

Во соопштението стои дека претседателот на Собранието Џафери вчера упатил известување до пратеничките групи и до пратениците кои не се организирани во пратенички групи, во рок од три дена да го известат дали ќе учествуваат во јавната кампања и каков ќе биде нивниот став по референдумското прашање „за“ или „ против“.

Денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски до Собранието испрати известување ќе земе учество во јавната пропаганда за претстојниот референдум со бојкотирачки став.

„Јас Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во координација со координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, ве известувам дека ќе земам учество во јавната пропаганда за претстојниот референдум со бојкотирачки став, бидејќи сум против референдумското прашање, а бојкотот е загарантирана демократска опција за секој граѓанин и истата е во согласност со демократските традиции на Република Македонија од 2004 година и согласно кодексот на Венецијанската комисија при Советот на Европа од 2007 година“, вели Милошоски во известувањето.