БОШ фестивал или освојување на слободата

На урбана Гевгелија и на современата македонска култура, во веќе востановениот термин на крајот на август, по 10-ти јубилеен пат ќе им се случи Меѓународниот мултимедијален арт-фестивал БОШ, манифестацијата која беше зачната како посвета на починатиот актер и поет Бошко Бозаџиевски од неколку негови пријатели и која во изминатава дека израсна во заокружена идеја која ја слави слободата и независната мисла во уметноста. Која постојано и од петни жили, со многу ентузијазам и малку институционална помош, се обидува и успева да го редефинира јавниот простор преку урбаните уметности.

Од таму, подготвуван во безмалку идентични материјални услови како и во годиниве наназад од Здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата „Арт Еквилибриум“ и нивниот исклучително растеглив круг на пријатели и собеседници, БОШ 10 во овие три „викенд“ дена ќе понуди програма која му доликува на чинот на заокружување на декадата на опстојба и менување на свеста.

- После овие 10 години туркање на мускули, тврдогхлавост и со инает својствена само за нас, денес можеме да се пофалиме дека станавме некаков фактор на културната мапа во земјава. Се надевам дека се изборивме и дека онолку колку што можевме допринесовме за децентрализација на културата во Македонија и воопшто да не бидеме и натаму воопшто како држава културна провинција и посебно на локално ниво како град каде што се одржува овој Фестивал. Затоа по оваа прва декада се чувствувам некако горд дека дотуркавме до тука – вели Миле Ничевски, уметник и еден од иницијаторите за ова случување.

Неформалното отворање на Фестивалот започна денеска во 17 часот со работилницата за перформативен цртеж „Ако умрам ил загинам“ на Горан Стојчетовиќ од белградскиот уметнички колектив „Арт Брут“ и членовите на гевгелиската „Мултимедиа“ која ќе се одвива до недела и ќе биде заокружена со изложба во Народниот театар во Гевгелија.

„Арт Брут“ е едно од најактивните уметнички здруженија на Балканот. Методот на “длабок цртеж“, кој Стојчетовиќ го дефинира во 2015 година и кој го спроведува со тим стручни лекари во клиниката за психијатрија во Војно-медицинската академија во Белград, како и со луѓе на отворени работилници во Галеријата Ремонт во српската метропола, постигнува многу плоден ликовно-психолошки израз обединувајќи ја уметноста и психологијата на овие простори. Мултимедиа центар Гевгелија, пак, е здружение формирано во 2007 година од творци од областа на ликовната дејност. Негова основна цел е развивање и унапредување на културно-уметничките дејности преку разни форми на дејствувања.

Дело на Горан Стојчетовиќ

Формалниот почеток на БОШ беше сторен, пак, два часа подоцна со групната изложба насловена „Фотокопирница на љубовта“ ( потсетување на творештвото на Бозаџиевски) на која учествуваат творци како Бернхарда Ксилко, Атанас Ботев, Кристијан Крстевски, Јана Јакимовска, Елизабета Линднер, Владимир Лукаш, Иван Ивановски, Тома Димовски, Горан Стојчетовиќ и Миле Ничевски.
- Арт Еквилибриум во улога на куратор – ги покани уметниците да творат по сопствена инспирација на песната „Фотокопирница на љубовта“. Со цел да ја предизвикаме иднината и нејзината вредност, го задржуваме времето за да развиеме ранливи модели на грижа за другиот како начин преку кој може да се случи промената. Не сме сами во ранливоста и несовршеноста: бивајќи зависни од другите – ние сме заедно, забележува Марија Стојанова.

Токму во тој контекст, како што велат организаторите, поголемиот дел од програмата на Фестивалот ќе се случува во Народниот театар во Гевгелија, каде беа поставени инсталацијата на македонскиот уметник Игор Тошевски („Реколекции“) и изложбата на Автономно културниот центар „Матријаршија“ од Земун, Србија, кои ја носат својата последна изложба „Експерименти“, Обете поставки ќе бидат отворени за публиката и во останатите два дена од ова случување.

Во дополнение тие појаснуваат дека соработката со Тошевски се случува спонтано и природно и е особен предизвик на фестивалот БОШ бидејќи таа нуди своевиден пресек од досегашното творештво на авторот, вклучувајќи и избор од неколку негови клучни проекти, како и серијата колажи „Топологии“ (2018) која за прв пат се изложува во Република Македонија. Централната тема се границите кои Тошевски ги подразбира како идеолошки конструкти. Линиите што означуваат одреден простор исчезнуваат, лесно се преместуваат и повторно се воспоставуваат, како впрочем и границите на нашата слобода на движење, творење и мислење. Затоа, можеби токму ова дело го сублимира животот на современиот човек во потрага по себе - идентитет спакуван во куфер, променлив, непостојан.
Инаку, за „Експерименти“ како појаснување ќе биде забележано дека е проект „без авторизација, без вистински авторски права, без прашања, без устројувања, без фини манири“. И најдобро од сè без автори. Дали се експериментите оној момент која занаетчијата станува уметник? Или тоа е зона каде што таквото прашање губи смисла? Конечно, овие дела својот јавен живот го започнале во музејот Halle Saint Piere во Париз во 2017 година .

Вториот фестивалски ден БОШ 2018 го отвора со уште еден групен перформанс. Насловен како „fake/fact – вистината во уметноста и литературата во време на fake news“ тој ќе понуди и посебен блок со песни од Бошко Бозаџиевски.

SlovoKult:: literARTour:: СловоКулт:: литерАРТура, всушност е повеќејазичен мултимедијален книжевен настан на кој ќе земат учество Силвија Штехер и Ралф Б. Корте, писатели и уредници на списанието за современа уметност „Перспективи“ од Грац, Австрија. Тука се и Илија Ѓуровиќ - поет, писател, драматург, уредник и ко-основач на издавачката куќа “Жута корњача” од Подгорица, Црна Гора, Елизабета Линднер Костадиновска - поетеса, (мултимедијална) уметница, писателка, литературна преведувачка и главна и одговорна уредничка на СловоКулт:: Литератур/а, Томас Антонич – поет, писател, публицист, доктор по книжевност и биограф на Волфганг Бауер, професор на Школата за поезија во Виена, згора музичар и перформер, Силвија Лоренц - скулпторка, ликовна уметница и перформерка (Психотерапија) од Берлин, Јамес Дин (Александар Јестровиќ, Берлин/Белград) - ликовен уметник и перформер (Психотерапија), како и македонски поети Д.А. Лори, Александар Кирковски и други.
Во близина се и делата на македонските ликовни уметници Дијана Томиќ Радевска, Ѓорѓе Јовановиќ, Касиопеја Наумоска, Владимир Лукаш, Дороти Пачкова, Кристијан Крстески, Моника Мотеска, Миро Масин и Тони Шулајковски.

Конечно, на БОШ 10 бележито е и присуството на стрип уметницата, илустраторка и компјутерска лингвистка Ана Елемарк од Шведска. Таа има објавувано свои дела низ Европа, особено во Хрватска , Словенија, Србија, Франција и Шведска. Инаку, колекцијата нејзини стрипови “Winners” во 2015 ја објави издавачката куќа Floating World Comics од САД.

Поставката „Абракадабра“ претставува дела од нејзината колекција создадени во изминатите две години, но поврзани со зборовите кои се изговараат за да се повика доброто и да се истера злото. Ова значи дека таа верува во магијата на зборовите. Јазикот е конечен збир на правила со кои можеме да предизвикаме бесконечен низ на значења: Hokus pokus filijokus, ćiribu ćiriba, simsalabim, hax pax max deus adimax. Магијата е можна, а јазикот е магичен затоа што е магијата е во јазикот, а јазикот во магијата.

Засебна приказна си е и музичката програма на БОШ 10. Неа ја красат концертите на рап-кор групата STRAIGHT JACKIN од соседна Србија, која патем слави 25 годишен јубилеј од своето формирање, нашите Д ДАЛТОНС, убедливо најдобриот македонски рокабили (зошто да не и „ритам и блуз') бенд, кој по долга апстиненција токму од Гевгелија го најавува своето враќање на сцената, а тука е и Ана Трит од Австрија која го донесува својот специфичен звук (lo-fi garage, scifi disco trash), звук како што велат за „самотнички танц забави во вашата спална соба“.

Не помалку возбуда ќе донесат и настапите на белградската Moussaka (пикантна мешавина на калифорниски сурф-рок звук и југословенси поп-фолк хитови од крајот на минатиот век) и на Iva & the Toy Georgeе, всушност соло проектот на Ива Станковиќ, артистка и продуцентка од Рим родена во Белград. За нејзиниот сет е познато дека вклучува употреба на grooveboxes, синтисајзери, акустични и дигитални перкусии и разни вокални ефекти, создавајќи мешавина на звуци и жанрови кои се движат од електро, танц, панк, хип хоп и повеќе егзотични, балкански и арапски звуци. Ива пее на неколку јазици, а понекогаш дури и ги измислува зборовите. Конечно сето ова ќе биде зашеќерено со диџеј сетовите на Јахво од Хрватска и домашните херои Мирко Попов и Дени Трајков.

Кон ова само уште информацијата дека љубителите на филмот ќе имаат прилика да ги проследат и проекции на делата на неколку современи македонски автори како Вардан Тозија, Радован Павловиќ, Ана Јакимска, Саша Станишиќ и Марија Апчевска.