Одбраната на обвинетите за настаните во Собранието на 27 април минатата година, денеска во воведните говори пред Судот го негираа обвинението против нивните клиенти, тврдејќи дека обвинетите не сториле никакво кривично дело, а најмалку тероризам, уривање на уставниот поредок или акт на насилство.
Бранителот на обвинетиот Душко Лазаров, адвокатот Звонко Давидовиќ посочи дека обвинетите се товарат за сторен терористички акт со оневозможување на избор на претседател на Собранието. Тоа, како што кажа, не е точно. Џафери е избран за претседател и не бил физички загрозен ниту повреден на 27 април во Собранието, како што не бил ни дотогашниот претседател Трајко Вељаноски, а претседателот на државата и премиерот биле на локација многу подалеку.
„Затоа терористичко загрозување на уставниот поредок и да сакаме не можеме да имаме“, рече Давидовиќ.
Бранителот на Митко Чавков, адвокатот Сашо Дукоски, во воведниот говор рече дека Чавков дал наредба за упад на полициските сили во Собрание и за употреба на шок бомби и е заслужен за формирањето полициски кордон за извлекување на пратениците од Собранието во оклопно возило и транспорт во касарна во Ѓорче Петров. На тој начин, според Дукоски, им ги спасил животите.
Адвокатот Дончо Наков, кој ги брани Владо Јовановски, Богдан Илиевски и Љубен Арнаудов, вели дека ќе докаже дека тие биле невини. Тој вели дека тие се товарат за искажани зборови, односно сториле „тероризам со зборови, а не со дела“.
И одбраната на Игор Дурловски, Мунир Пепиќ и Љупчо Димовски вели дека се невини.