Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ денеска соопшти дека останува на ставот да се најде алтернативна траса за изградба на гасоводот низ Водно и покрај вчерашната објава на Владата дека се направени измени на проектната документација за скратување и стеснување на трасата.
Од иницијативата неведуваат дека и натаму ќе инсистираат да се изработи нова студија за влијание на животна средина, а најавија и дека ќе ја оспорат дозволата за изградба што треба да биде издадена.
Активистката Татјана Стојановска од иницијативата „Го сакам Водно“ потенцираше дека не инсистираат трасата да минува низ Скопска Црна Гора, како што рекол директорот на Македонски енергетски ресурси Бајрам Реџепи, туку да се најде алтернативна траса.
„Може да се најде алтернативна траса. Колку и да чини тоа, здравјето на луѓето нема цена, рече Стојановска. Според активистите не е точна најавата на Владата за започнување на изградбата на магистралниот гасовод, делница 5, затоа што, како што рекоа, делницата се гради од минатата година.