Руската рубља кратко падна на најниско ниво од 2016 година

Илустрација.

Вредноста на руската валута денеска накратко падна на најниско ниво во однос на американскиот долар во повеќе од две години, поради загриженоста предизвикана од новите економски санкции од страна на САД.

Рано денеска, рубљата падна за околу два отсто, на скоро 69 рубљи за еден долар, но откако Руската централна банка соопшти дека ќе го прекине купувањето на странските валути, беа надоместени дел од загубите со тргување со 68.3 рубљи за еден долар.

Централната банка соопшти дека купувањето на странски валути ќе биде суспендирано до крајот на септември „за да се намали нестабилноста на финансиските пазари.“

Последното паѓање на вредноста на рубљата доаѓа поради извештаите дека САД подготвуваат дополнителни санкции против Москва. На 21 август, Вашингтон наметна санкции кон две руски шпедитерски компании поради наводна трговија на нафта со Северна Кореја.

Исто така можни се многу поголеми казни како последица на труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал во Британија.

Рускиот претседател Владимир Путин санкциите против Русија ги нарече „контрапродуктивни и бесмислени“, по вчерашните разговори со неговиот фински колега Саули Нинисто.

Последен пат вредноста на рубљата беше намалена на слично ниво во април 2016 година.